Со осум гласа „за“ и еден воздржан, поранешната уставна судијка Наташа Габер-Дамјановска денеска на јавна седница е избрана за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ со двотретинско мнозинство од страна на деветтемина членови на управниот одбор.
Габер Дамјановска претходно беше директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје, а докторирала на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.
Покрај Габер-Дамјановска, за оваа позиција се кандидираа и Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во Уставниот суд и Европскиот суд, Александар Маркоски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство и Елена Андреевска, поранешен јавен обвинител и професорка на Правниот факултет на Универзитетот ЈИЕ.
На денешната јавна седница не беше избран заменик-директор на Академијата за што кандидатура поднесе само еден кандидат, Илир Исени за кој тричлениот одбор кој ги разгледувал кандидатурите заклучил дека Исени не исполнува еден од условите за кандидат за оваа позиција, а тоа е лицето да достави документ дека не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку 6 месеци.
Согласно со законот, управниот одбор е обврзан во рок од 30 дена да распише нов оглас за заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Тричлената комисија при проверка на кандидатите исто така не дала зелено светло за кандидатурата на Елена Андреевска поради тоа што кандидатот не исполнувал 2 услова. Првиот е да има работно искуство како судија или јавен обвинител од најмалку 8 години, додека вториот услов е тоа што Андреевска не доставила сертификат за познавање странски јазик.
Деветчлениот управен одбор кој одлучувше за новиот директор и заменик-директор на Академијата е во состав на Сашо Рајчев, Оља Ристова, Маријана Радевска Стефкова, Лилјана Спасоска, Лазар Нанев, Осман Шабани, Љубица Караманли Попчевски, Фаик Арслани и Мери Тромбева.
Досега цели 12 години директорската функција на Академијата за судии и јавни обвинители ја извршуваше Анета Арнаудовска, која беше критикувана во јавноста поради продолжувањето на мандатот, аферата со лажни дипломи и преименувањето на Академијата.
На денешната 138 седница на Управниот одбор беше разгледан и извештајот за досегашната работа на в.д. директорката на Академијата, Вјолца Елмази.