Гандиевски, мирно, без кршење и без автобуси ВМРО-ДПМНЕ ќе го симне Зоран Заев од власта, порача лидерот на партијата, Христијан Мицкоски на денешниот протест пред Владата. Неколку илјади граѓани предводени од Мицкоски и највисокото раководство на партијата од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се упатија кон Илинденска. Таму на импровизирана говорница Мискоски се обрати на насобраните граѓани, но и на власта, на која и порача дека мора да си замине, зашто, како што рече, година и половина ја уништува Македонија.
-Ни ветуваа пет проценти раст на БДП во програмата што ја нарекоа „Живот”, пекол донесоа, темнина донесоа кај секој еден граѓанин во Република Македонија… Направивте Македонецот да биде рамнодушен на се… Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика на вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко, рече Мицкоски.
Мицкоски изјави дека со денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ ќе прогласи и ќе почне национална, економска, социјална и образовна, сеопфатна и сеопшта револуција против погрешното владеење на Зоран Заев, економското и националното разнебитување. Тој најави дека протестите ќе продолжат секоја среда во Скопје, а преку викендите и во други градови низ Македонија.
Фото: Слободан Ѓуриќ