Иско Аларкон стана топ тема во шпанската спортска јавност во изминатите 12 часа, а причина за тоа беше одлуката која ја донесе Сантијаго Солари непосредно пред мечот со Рома на „Олимпико“ во Рим.
Тренерот на Реал Мадрид одлучи да го испрати Иско Аларкон на трибините и со тоа јасно стави до знаење дека е незадоволен од формата во која се наоѓа офанзивниот играч за врска, за кого мора да се напомене дека не беше стартер на ниту еден од претходните пет натпревари на кои Солари е предводник на тимот.
Испраќањето на трибините е јасен сигнал дека Иско прави одредени работи кои не му се допаѓаат на тренерот, а самиот Солари по крајот на средбата во Рим на која Реал славеше со 0:2 истакна дека одлуката е чисто техничка.
– Не сум јас кој треба да му дава совети. Веќе сме возрасни, татковци во фамилијата и знаеме што треба да правиме. Сите играчи сакаат да се на теренот, но понекогаш треба да направите нешто повеќе, да работите повеќе. Тоа се случува со сите играчи понекогаш. Мора да продолжи да работи. Не велам дека не работи како што треба, но фудбалот е таков, некогаш се бара повеќе од вас. Имам само една препорака за него. Нека продолжи напорно да работи, нека види каде греши за да може да се подобри, – истакна Марсело по крајот на мечот.