Владата на СДСМ заедно сo министерот за финансии, Тевдовски, со воведувањето на новиот закон за персонален данок на доход дополнително ќе го оптоварат и така тешкиот животен стандард на студентите, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Во услови кога Македонија се соочува со катастрофални економски политики, ефектот од новата стапка за ПДД за наем или кирија на недвижности во висина од 15 %, дополнително ќе ги зголеми трошоците за живот на студентите, посебно на студентите во Скопје. Киријата на становите во Скопје ќе поскапи, на штета на македонската интелигенција, за која и така оваа власт не води никаква сметка за обнова на постоечките студентски капацитети, а камоли, пак, да се изградат нови“, вели Арсовски.
Ако трошоците за сместување во државните студентски домови изнесуваат во просек 3.800 денари месечно, тогаш, како што изјави Арсовски, секој студент во просек ќе плаќа 9 евра месечно повеќе кирија или тоа е секој месец повеќе трошоци во износ од над 550 денари. Трошоците за живот на секој студент месечно ќе се зголемат за над 14,5 %, додава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште повеќе што многу човечки судбини на граѓаните од внатрешноста кои живеат и работат во Скопје исто така ќе бидат загорчени од новата даночна политика на Тевдовски, којашто декларира задолжување. Многу семејства ќе бидат директно загрозени и погодени од оваа штетна даночна политика, која прави широк раздор меѓу богатите и сиромашните и создава еден огромен јаз. Со ваквото даночно решение на Заев и Тевдовски, богатите ќе станат уште побогати, а сиромашните ќе станат уште посиромашни“, вели Арсовски.