Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, меѓународната невладина организација Македонија 2025 и адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ, поднесоа барање до Собранието на Република Македонија за автентично толкување на член 14, став 3, точка 1 и 5 од Законот за данок на додадена вредност.
– Барањето за автентично толкување се јави како потреба врз основа на анализите и сознанијата за одредени проблеми со кои се соочуваат компаниите, во однос на даночниот третман при извоз на услуги. Имено, на компаниите им се наметнува обврска за неосновано засметување и плаќање на ДДВ, што беше главниот двигател за актуелизирање на прашањето за создавање стабилна и предвидлива законска рамка, без простор за правни празнини при имплементацијата на постојните законски решенија, соопшти МАСИТ.
Оттаму велат дека Владата дала позитивно мислење по однос на оваа инцијатива и оти во актуелизирање на прашањето се вклучиле генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и формалниот подносител на ова барање пратеничката Ивана Туфегиќ.
– Во исчекување на позитивен резултат од Законодавно-правната комисија во Собранието на Р.М., а со цел овозможување на правна сигурност за сите компании кои подлежат на оваа категорија, би сакале да ја изразиме нашата благодарност и да ја поздравиме посветеноста за вклучувањето во овој процес од страна на сите чинители, кој веруваме ќе овозможи подобра бизнис клима, како и поголема предвидливост на законските норми, се вели во соопштението