Сите фармери кои одгледуваат овци, кози, или говеда од денеска може да аплицираат за добивање на финансиска поддршка за плата на овчарите, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„До денес, а од 1 јуни минатата година се исплатени 36 милиони евра во сточарството. Најголемите ставки за исплати во делот на субвенции одат токму во сточарското производство. Оваа мерка, позната како плата за овчарите, значи дополнителнла поддршка којашто ќе изнесува до 300 илјади денари, ја зголемуваме и тргаме одредени ограничувачки критериуми што постоеа во претходниот период, за да можат сите да аплицираат“, истакна Николовски
Финансиска поддршка која ја предвидува оваа мерка е во висина од 60% до 100% од просечна месечна нето плата во дејноста за период од 01.11.2017 до 31.10.2018 година. Финансиска помош од 100% ќе добијат фармерите кои стоката ја напасуваат или чуваат на надморска височина од над 700 метри, односно чии регистрирани одгледувалишта се наоѓаат во населени места со надморска височина поголема од 700 метри. На сточарите со одледувалишта во населени места на надморска височина под 700 метри им следува државна поддршка во висина од 60% од просечна месечна нето плата во дејноста, како олеснување на трошокот за чување или напасување на добиток (овци, кози, или говеда).
Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите регистрирани земјоделски стопанства. Апликациите може да се поднесуваат до 21- ви декември 2018- та година. Средствата ќе се доделуваат во сооднос 1 вработено лице на 150 овци, 50 кози или 50 говеда и истите се неповратни. Бројот на вработени лица за кои е исплатена поддршката треба да биде ист во период од најмалку една година претходно. Максималниот износ на средства е до 300,000 денари по лице и за не повеќе од 20 вработени, а за над 10 вработени лица помошта се намалува за 50%.