За да овозможи дополнителен увид во своето работење, во зимскиот период УСЈЕ редовно неделно ќе ги објавува податоците од мерењето на емисиите кои ќе бидат јавно достапни за сите заинтересирани страни
Цементарница УСЈЕ во целост ги исполнува законските услови во работењето, а емисиите од производството на цемент се во просек далеку пониски од максимално дозволените гранични вредности определени со законските прописи во областа. Дополнително, по повеќегодишното следење, споредбата на податоците од индикативните мерења во кругот на фабриката и оние надвор од неа, докажува дека работењето на Цементарница УСЈЕ нема корелација со измерените вредности на ПМ10 честичките во амбиенталниот воздух во непосредното соседство и во град Скопје. Исто така, целокупното производство автоматски сопира, доколку поради каква било причина не функционираат инсталираните филтри.
Овие факти јасно укажуваат дека Цементарница УСЈЕ не е причинител на зголеменото ниво на загадување на амбиенталниот воздух, кое во определени периоди се појавува во Скопје.
Начинот на кој работи компанијата и контролите кои се вршат денеска беа детално презентирани на Отворениот ден во УСЈЕ на кој беа поканети граѓаните, невладините организации и медиумите. На настанот присуствуваа и Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и претставници на Државниот инспекторат за животна средина.
За да овозможи дополнителен увид во своето работење, иако нема законска обврска за тоа, во зимскиот период УСЈЕ редовно неделно ќе ги објавува податоците од мерењето на емисиите, кои ќе бидат јавно достапни за сите заинтересирани страни.
-Ние ги разбираме реакциите на граѓаните и, како сограѓани, но и како докажан одговорен член на заедницата, сме дополнително мотивирани прецизно да се посочуваат реалните извори на загадување во нашиот град, зашто само така може да се спроведуваат ефективни решенија. Со објавувањето на податоците секоја недела ќе дадеме можност за уште поголем увид. Веќе неколку години нашите капии се отворени за секој што сака и лично да се увери во аргументите – за нашите соседи, граѓаните на Скопје, за невладиниот и граѓанскиот сектор. И во овој наврат, го покануваме да нѐ посети секој што сака да добие каква било информација, изјави главниот извршен директор, Борис Хрисафов.
Со цел да се следи влијанието врз животната средина, пред повеќе од 12 години во Цементарница УСЈЕ е поставен независен автоматски систем за мониторинг на емисиите во воздухот (прашина, SO2 и NOx). Со него, стационарните извори на емисии во фабриката се следат 24 часа-365 дена во годината, а податоците во секое време се мониторирани од надлежните органи во државава. Сите фази на овој независен мониторинг – мерењата, влезниот сигнал и пресметката на параметрите, се целосно автоматизирани и компанијата нема можност на каков и да е начин да влијае врз крајните резултати. Производител на опремата е SICK – Maihak од Германија, а одржувањето и калибрацијата на инструментите го врши надворешна компанија, акредитирана, паралелно, и од производителот и од Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ).
Покрај овој мониторинг, се спроведуваат и редовни мерења на амбиенталниот воздух преку индикативни мерења на присуството на ПМ10 честички во кругот на фабриката, на место определено од страна на регулаторот. Тоа овозможува континуирана споредба на податоците со оние добиени на мерни станици поставени надвор од кругот на компанијата.
Компанијата редовно е контролирана од страна на Државниот инспекторат за животна средина, а извештаите потврдуваат дека емисиите се далеку под законски дозволените граници.
Цементарница УСЈЕ во 2011 година доби А-интегрирана дозвола со оперативен план и е меѓу првите компании во Македонија кои во законскиот рок ги исполни сите обврски од дозволата. Таа практично гарантира строго почитување и имплементирање на сите законски обврски од областа, но и нѐ обврзува постојано да инвестираме и да ги надградуваме процесите во интерес на животната средина.
Во изминатите две децении, вкупните инвестиции на Цементарница УСЈЕ во технологии, опрема и активности поврзани со заштита на животната средина надминуваат 65 милиони евра.