Само годинава на буџетот на ЈП „Македонски шуми“ вметнати се најмалку 30 партиски членови на СДСМ, и тоа од роднини на кавадаречкиот генерален директор на „Македонски шуми“, до синови, ќерки и внуци на директори на подружници и сектори на истото јавно претпријатие, роднини, деца, внуци на градоначалници, на референти, на други раководни лица, но со една заедничка линија- партиската определба, обвини Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа акција е спроведувана во подружниците во Кавадарци, Гевгелија, Демир Капија, Берово, Македонски Брод, Скопската дирекција, Свети Николе, Струмица, Демир Хисар, Штип, Пехчево, Крива Паланка, Делчево, Радовиш, Кратово, Охрид и на многу други места. Ова е дел од проектот за партиски вработувања според црни списоци правени во општинските организации на СДСМ за пополнување на администрацијата, нејзина целосна партизација со вработувања во општините, училиштата, градинките и јавните претпријатија ‘Комунална хигиена’ и “Македонски шуми’. Црната мрежа за партиски вработувања е правена само и само по припадноста и залагањата за партиските политики на СДСМ“, рече тој.
Оваа црна политизација, додаде тој, е пример за непотизам, ова е пример за партизација на администрација, нејзино максимално обременување и пат кон неефикасност.