Полн буџет, висока наплата на приходите во ноември со двоцифрена стапка на пораст, како и редовност кај повратот на ДДВ кој во првата половина од 2018 година е 40 проценти, се резултатите од работењето на Управата за јавни приходи, претставени на одбележувањето на Денот на даночниците – Свети Матеј.
–Ако се споредуваме со изминатите години, сме тргнале на прав пат. Да продолжиме само така. Полн буџет, професионално работење на даночните службеници, партнерски однос со даночните обврзници, борба со сивата економија, модернизција на работните процеси, унапредување на соработката со даночните управи од регионот и пошироко, се само неколку приоритети од низата, кои идентитетот на инститиуцијрата УЈП, го прават неприкосновен и посебен, рече директорката на УЈП Сања Лукаревска на синоќешното одбележување на Денот на даночните работници.
Истакна дека првата фаза од реформата „Поедноставување на процедурите за пријавување и пресметување на ПДД” и електронскиот систем за ПДД-Е ПДД е успешно завршен и оти втората фаза почнува во 2019 година со доставување предпополнета годишна даночна пријава.
Најави дека од 1 јануари 2019 година почнува уште еден важен проект заедно со Владата и Агеницјата за млади и спорт, каде со измените на Законот за данок на добивка, ќе се овозможи дополнителен стимул и дополнителни средства во спортот, преку доделување на ваучери за даночните обврзници кои ќе донираат во спортот и ќе може да користат даночни поттикнувања по основ на данокот на добивка.
Истакна дека она што УЈП ја очекува како предизвик во иднина е реинженерингот со редизајнираните работни процеси и целосна електронска комуникација меѓу УЈП и обврзниците, преку навремени услуги и доброволна усогласеност и секако најавуваниот проект „Поврат на 15 проценти ДДВ кај граѓаните.
На одбележувањето се обрати и министерот за финансии, кој ја пофали Управата за високиот степен на наплата на даноците, при тоа посочувајќи на важноста на даноците. – Без приходите од даноци не може да функционира државата. Не може да се обезбедат средства за образование, за здравство, социјална заштита, безбедност, владеење на правото,…, не можат да се градат патишта, како и се останато што го прави државата.
Додаде дека пред УЈП има бројни предизвици кои беа успешно реализирани. -Во оваа прилика би сакал да ја издвојам работата на реформата за доставување на претпополнета даночна пријава до граѓаните.Таа е важна бидејќи од наредната година, граѓаните нема повеќе да се мачат, да собираат документи, да пополнуваат формулари и да одат по шалтери за да поднесат даночна пријава. Туку по пример на европските даночни управи, УЈП по електронски пат ќе ја достави пријавата, а граѓанинот ќе треба само да ја прифати или да даде забелешка за корекција. Со ова граѓаните се ослободуваат од значителен товар. А наша обврска е ние да бидеме нивен сервис и да работиме за нив