Иако беше назначен за тренер неодамна, Сантијаго Солари веќе започна со „кроење“ на составот по негов стил. Тој не е најголемиот фан на Иско и во последниот натпревар од Лигата на шампионите го остави Шпанецот да го гледа натпреварот од трибините, што наиде на негативни реакции кај играчот од средниот ред.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Иско воопшто не е задоволен со одлуките на Сантијаго Солари и дека веќе во јануари може да го напушти Реал Мадрид, доколку се укаже шанса за тоа.
„Одредени одлуки се носат во вакви моменти а тука одлуката треба да ја донесеме ние. Сите тие одлуки се од спортска природа. Се работи за фиктивен проблем, проблем кој не постои. Сите одбрани играчи треба да бидат максимално подготвени за настап“, изјави Солари откако беше запрашан за наводниот проблем помеѓу него и Иско.
Иско беше гласен дека не се согласува со одлуките на тренерот дури и додека Зидан беше на таа позиција, но Французинот знаеше како да се справи со тоа. Но, сега изгледа дека ситуацијата е многу подраматична бидејќи шпанските медиуми велат дека Иско воопшто нема почит за неговиот нов тренер.
Манчестер Сити и Јувентус се подготвени да одвојат голема сума за Иско, а помеѓу заинтересираните тимови се уште и Наполи, Челзи и Баерн Минхен.
Откако Солари го презема тимот, Иско настапи на само три натпревари во кои забележа околу 90 минути игра. По последниот пораз во домашното првенство, Иско реши да не се поздрави со тренерот Солари, додека пак овој ја наоѓа причината за малата минутажа на Иско во неговото недоволно залагање на тренинзите.