Чилеанскиот напаѓач Алексис Санчез во последните неколку недели не е помеѓу стартните 11 на Жозе Мурињо, а изгледа дека тоа ќе продолжи и во блиска иднина, откако од клубот беше објавено дека тој се повредил на последниот тренинг и ќе мора да пропушти дел од сезоната.
Санчез не може да крене глава од повредите кои го мачат сезонава. Тој беше стартер на само седум натпревари за Манчестер Јунајтед пред да заработи нова повреда која ќе го оддалечи од терените во следниот период.
Во денешното обраќање на Мурињо кон медиумите, тој подобро ја објасни ситуацијата околу повредата на Алексис Санчез. Според Португалецот, Санчез ќе ги пропушти следните неколку натпревари и ќе биде надвор од теренот повеќе од еден месец.
Иако дојде потешко од очекуваното, сепак победата над Јанг Бојс во рамките на Лигата на шампионите му донесе радост на Жозе Мурињо, кој се наоѓа под голем притисок на клупата на Манчестер Јунајтед. Санчез не беше достапен ниту за тој натпревар а мечот го започна офанзивното дуо составено од Марсијал и Рашфорд.
Составот на Манчестер Јунајтед викендов патува на гостински натпревар против Саутемптон, а веќе наредната недела се соочува со Арсенал и Фулам во рок од само три дена. Баш поради овој густ распоред, Мурињо посакуваше да ги има сите играчи на располагање, но повредата на Санчез му ги расипа плановите.