Во Собранието започна седницата, на која на дневен ред е текстот на четирите нацрт-амандмани на Уставот на Република Македонија.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски побара точката да се повлече од дневниот ред. Мицевски образложи дека предлогот е противуставен, а подвлече и дека референдумот во Македонија помина неуспешно.
Со 61 глас, предлогот на Мицевски не беше прифатен од страна на мнозинството.
Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект. Со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. Во третиот амандман додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави, додека со четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.