Опасните ПМ 10 честички синоќа во Скопје достигнуваа концентрација над пет пати повисока од дозволената, а Заев, Шилегов и Макрадули единствено што прават е омаловажување и замолкнување на граѓаните и невладините активисти, реагираат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните се гушат во загадениот воздух, а Заев и Шилегов се уште немаат превземено ниту една мерка со која ќе го намалат аерозагадувањето. Неспособната власт на СДСМ не води ни малку грижа за граѓаните и последиците кои ги имаат од отровите кои ги вдишуваат. Кога беа опозиција ветуваа итни мерки за почист воздух, а откако дојдоа на власт не реализираа ниту еден проект. Решавање на проблемот со загадувањето не им е ниту во агендата. Наместо да се справат со загадувањето, тие трошат милиони за луксузни автомобили, фотелји и лубриканти“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
За Заев и Шилегов не е важно здравјето на граѓаните, за нив, велат од ВМРО-ДПМНЕ не е важно што Македонија официјално стана најзагадена земја во Европа и што Светската здравствена организација објави дека во земјава годишно умираат околу 3 000 луѓе како директна последица на загадениот воздух.
„Доколку СДСМ не спроведува ниту еден проект , ниту има идеја како да се справи со загадениот воздух, треба веднаш да ги прифатат препораките на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ предлага во услови на загаденост над дозволените мерни концентрации, да се овозможи за граѓаните бесплатен градски превоз и повеќе автобуски линии додека трае загадувањето, со што ќе се овозможи значително да се намали загадувањето од издувните гасови на автомобилите.
Воедно во услови на загаденост, МВР мора да го пренасочува движењето на товарни возила и градежни машини од централните градски подрачја, мерка која исто така ќе овозможи намалување на нивото на канцерогените ПМ10 честички“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.