Заев не спремен ни да ги спроведе реформите во правосудството, но затоа видовме како е способен да ги прислушува, да монтира уреди како би можел предвреме да ги слуша пресудите за да може да организира прес-конференции каде ќе ги погодува годините, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски за време на неговата посета на ОК ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци.
„Еве видовме зошто ги погодувал и судските пресуди и годините затвор, и заштитените сведоци ги знаел, затоа што не само што со бомбите го контаминираше целокупното оштество, не само што уништи животи со тие креирани, монтирани материјали, нелегално стекнати туку продолжива и сега повторно не бил тој виновен, не бил Оливер Спасовски виновен, не била СДСМ, повторно бил некој таму виновен од порано“, нагласи Мицкоски.
Лидерот на партијата истакна дека граѓаните веќе, како што рече биле свесни за сите црнила и темнини и тоа ќе го покажат на следните редовни или предвремени парламентарни избори кога ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија жестоко ќе го поразат Зоран Заев.
Мицкоски за време на посетата меѓудругото се осврна и на земјоделието истакнувајќи ситуацијата е алармантна, а Владата немала никаква понуда и политика ниту пак имала трајно решение кое што на подолг рок ќе обезбеди пласман за родот на земјоделците.
„Не така далеку во кампањата на плоштадите ширум Македонија велеа сигурен пласман за земјоделските производи ние ќе обезбедиме, нема да остане ниту парче земјоделски производ непродаден, ние сме тие кои што ќе ги обезбедиме, за да сега по две години откако се во Владата, и се укотвија во меките фотелји, по истите тие плоштади шетаат со подведена глава и велат не може да обезбедиме криза е“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека цената која што ја плати Македонија затоа што Заев е премиер е преголема и таа цена, како што рече тој е националното омаловажување и понижување со договорот во Нивици и сите економски промаршувања и црнила во образованието, здравството, земјоделците, пензионерите и младите.