Отпорот за вакцинација кој се јави кај родителите во последниве неколку години придонесе од лани да се појават болести како црната или кај народот позната како магарешка кашлица, кои беа искоренети децении наназад- вели доктор Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар и директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле. Доктор Андоновски е единствен меѓу лекарите кој е член на Здружението на новинари на Македонија. Во склоп на болницата работи посебен оддел за деца заболени од цистична фиброза, а трет пациент од тука деновиве добил нови бели дробови со транспланација во Будимпешта, благодарение на болницата.
Валентина Ангеловска
-Скопје со право го заработи епитетот најзагаден град во Европа веќе цела деценија наназад, поради негативните приликите кои се создадоа и натрупаа во текот на овие 10 години- вели Андоновски. Досега Скопје можеше да има чист воздух и преку зимскиот период доколку беше спречено и направено се што требаше да се направи. Предлози од страна на нас лекарите може да има доколку бидеме повикани да говориме околу целата тема. Но сепак наш дел е лекување и спречување на болестите кои се последица од загадувањето. Загадувањето делува најповеќе на најмладите, зависно од видот на честиците дали се ПМ2,5 или ПМ 10 од тоа зависи и со кој патологии ќе се сретнеме и кои ќе мора да ги третираме. Повеќе од една деценија колектираме информации и црпеме искуства кој е начинот на дејството на самите контагиозни честички и кои се манифестациите кои ги даваат за да може соодветно да одговориме. Детската болница Козле е единствена врвна институција во Република Македонија која ги третира сите заболувања на дишниот систем. Осумдесет проценти од сите заболувања кај децата отпаѓаат на белодробната проблематика па така да детската болница Козле има постојано работа преку целата година- објаснува Андоновски.
Првиот човек на болницата вели дека таа располага со 91 легло за деца и 91 легло за придружници.
-Болница од државен здравствен систем а која е пандан на кој можат да и позавидат и приватните болници. Во моментов во болницата се сместени 70 лежечки пациенти и уште толку се на дневна болница. Гледаме максимално брзо и ефикасно да делуваме и да превенираме одредена ситуација за да го скратиме престојот во болницата, да ги намалиме болничките денови . Со тоа се штитиме од интрахоспитални инфекции и ги заштитуваме дечињата кои претстојуваат да не завршат со ново настаната инфекција. Сите протоколи за брзо и ефикасно работење се запазени од целиот тим на детската болница Козле- вели Андоновски.
Тој објаснува дека во споредба со претходните години бројот на пациентите е зголемен не само поради проблематиките туку и поради враќањето на довербата на пациентите во самата институција. Она што е очекувано е дека со почетокот на учебната година и со претстојниот период кој ни следи, очекувано е да имаме и зголемен број на пациенти.
-Патологиите со кои работиме се чести и веќе очекувани, појава на ларингити , бронхити, бронхиолити, опструкции па дури и пневмониите се веќе реалнност . Сето досега наведено како состојба и приликите допринесуваат да постојано се зголемува бројката на присатни пациенти кои ја барат помошта кај нас. Реално кажано сезоната на присаството на вирусите, дури и по променливиот временски период и недобрите климатски поставености доведоа да постојано се бориме со вирусите кои кај нас дојдоа до експанзија. Сезоната на грипот не е ни завршена таа перзистира дури и преку цела година, така можеме да се изразиме поради тоа што навистина мутациите непрестано ги пронаоѓаме кај нашите пациенти. Секао дека во зимскиот период ќе очекуваме зголемен наплив на дечиња кои ќе ја побараат помошта од нас. Но родителите треба да знаат доколку настанат подолготрајни компликации од самиот вирус да се јават веднаш на лекар. Родителите треба упорно и долгорочно да работат на имуниот систем на децата, од тоа зависи и нивниот понатамошен одбрамбен систем на нивниот организам , правилното развивање и растење- вели првиот човек на Институтот.
Според него, алергиите не се нешто ново.
– Алергии има и ќе има постојано. Козле е и центар за алергии, дијагностицираме и третираме правилно инхалаторни и нутритивни алергии и алергии до специфични предизвикувачи. Чуствителноста на детскиот организам поради контаминацијата на животната средина, неправилната исхрана, нередовната физичка активност и ред други работи предизвикаа пораст на појава на алергии кај децата. Знаеме дека зад целиот тој сплет на реакции и алергиски манифестации стои одбрамбениот односно имуниот систем на еден организам, затоа апелирам до родителите да постојано се заложуваат и да работат на подигање на имунитетот на детето, правилната исхрана , физичката активност и давањето на витамините доведува до градење на еден силен имун систем.
Што се однесува до вакцинација против грип поготово кај децата кои имаат одредени посебни причини за да не заболат од грипот, Андоновски вели дека е за.
– Посебно е препорачливо кај деца со посебни проблематики со кардиоваскуларниот систем , срцеви мани и одредени системски заболувања и т н. Секако дека вакцинацијата означува и имунизација и заштита, ние како држава сеуште работиме на враќање на нарушената довербата на пациентите во вакцинацискиот систем, Тоа што ни се случуваше изминатите години веќе е минато. Министерството за здравство и ние као професионалци се заложивме да кај нас имаме најсофистицирани модерни вакцини кои ќе помогнат во искоренување на веќе зачестеното повраќање на одредени заболувања од минатото. Детската болница Козле во изминатиов период од година ипол со надчовечки сили направи да се врати угледот на овој врвен детски центар- вели Андоновски.
Тој објаснува дека болницата поседува врвна дијагностичка и лабараториска опрема. Функционирањето на лабораторијата во текот на 24 часа и пристапноста допринесе да пациентите се сигурни кога ќе се појават во инстиутот дека нивниот проблем ќе биде решен. Залагањето и ветувањето кое беше дадено од самиот старт полека се остварува, решен е проблемот со сите технички недостатоци на болницата, проблематиката со нерешената канализација e веќе минато.
-Болницата доби модерен изглед , изглед кој не ги плаши дечињата туку се чуствуваат како да се дојдени во една голема игротека. Борбата за прва детска болница продолжува.Се екипиравме со лекарски кадар и тоа педијатарски кој е дефицитарен и со 10 медицински сестри иако ни се потребни уште здравствени работници кои ќе допринесат кон брзото и ефикасно професионално работење на целата болница- вели првиот човек на Институтот.
– Постојано работиме на добивање на донации од сите филантропи , амбасади, добротвори , кои навистина ни помогнаа да го достигнеме оваа врвно ниво. Меѓу нив се Јапонската и Германската амбасада, Еуролинк, Жито лукс… Благодарноста е голема и само им докажуваме дека навистина се цени и се работи на се што ни е овозможено , работиме на здравјето на дечињата. Нашите вработени постојано ги надоградуваме со нови знаења и едукации, потпишавме договори со неколку врвни европски центри каде нашиот персонал ќе оди на едукации, работиме темелно и совесно за да ни се врати со квалитет и брза и ефикасна услуга- објаснува докторот.
Според него наследени се доста проблеми но тој не се осврнува кон минатото.
– Ја следиме и гледаме светлата иднина. Детската болница Козле , поседува повеќе специјализирани одделенија односно центри, пулмологија, алергологија, спирометрија, бронхоскопија, оториноларингологија, полисомнографија , психологија, микробиологија, интезивна нега , туберкулоза и посебно ќе го спомнам центарот за Цистична фиброза , ретка болест која се третира кај нас непречено во најмодерни услови и е регионален центар во целиот регион. Онаа што е како најава од страна на министерот за здравство е правењето на палијативниот центар за деца кој исто така ќе биде единствен во целиов регион- вели Андоновски.
Тој објаснува дека се почести се малите пациенти од соседните држави.
-Имаме присаство на пациенти и од соседните држави кои имаат слушнато пофални зборови за Детската болница Козле и затоа ја доверуваат грижата за нивното дете. Болницата има еден вреден епитет а тоа е тригодишната акредитација, која за нас е од големо значење дека болницата ги исполнува сите најмодерни и најбитни потреби како модерна и врвна болница. Се стремиме да сме пример како може нормално и врвно да функционира една институција од државен карактер. Нужно е да постојано работиме за подобрување и оптимизација на здравствениот систем а за тоа е потребно време и многу напори, се надевам дека со несебична заложба ќе се успее во се. Нашето мото е СЕ ЗА ДЕЦАТА тие се нашата иднина- дециден е Андоновски.
фото: Слободан Ѓуриќ