Изгубиле 3.600 евра во казиното, па со „калашникови“ се пресметувале со обезбедувањето

Загубени 3.600 евра во казино во Тетово биле причина за инцидентот во петокот вечерта во Тетово, објави Основното јавно обвинителство, според кое 13 лица се осомничени за престрелката.
Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, осомничени дека учествувале во престрелаката во петокот вечерта во центарот на Тетово.
Според ОЈО, поведена е истражна постапка за три лица за сторено кривично дело- предизвикување општа опасност, како и за кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и за двајца осомничени, кои при инцидентот користеле автоматско оружје кое на граѓаните им е забрането, за сторено кривично дело предизвикување општа опасност, како и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Едниот од овие двајца осомничени е во бегство и не е достапен на органите на прогонот.

 

За останатите осум пријавени лица за кои постои сомнение дека биле инволвирани во инцидентот ќе биде поведена скратена постапка за сторено кривично дело- предизвикување општа опасност.

Инцидентот се случил на 30.11.2018 година, пред казино во Тетово, кога четворица осомничени вработени во агенција за обезбедување од една страна и останатите осомничени од друга страна дошле во конфликт заради изгубени пари во казиното во износ од 3.600 евра од еден од осомничените. Притоа со автоматски пушки и пиштоли, предизвикале значителна опасност по животот и телото на луѓето и тоа на место каде што биле собрани поголем број луѓе.

-Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави Предлог за определување мерка притвор за петтемина осомничени за кои беше донесена Наредба за спроведување истражна постапка. Од страна на судијата на претходна постапка ваквиот предлог беше прифатен и на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена. За осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, велат од ОЈО.

Треба да знаете
Последни објави