Намалувањето на бројот на загадени денови е охрабрувачки. Владата и сите институции продолжуваат со акцијата за решавање на проблемот со загадениот воздух, вели Социјал демократскиот сојуз на Македонија преку соопштение.
„Владата предводена од СДСМ, заедно со сите надлежни институции активно работи на надминување на долгогодишниот проблем со аерозагадувањето. Првите подобрувања се видливи и охрабрувачки. Како што јавно обелодени Министерството за животна средина и просторно планирање, во 2018 година постои намалување на бројот на деновите со надмината дозволена загаденост од 50 микрограми, споредено со 2016 и 2017 година“, се вели во соопштението на СДСМ.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тврди дека во периодот од први јануари до 30 ноември 2018 година, регистрирани се 88 загадени денови, што е благо намалување во однос на 2016 и 2017 кога бројот на загадени денови бил 99.
„Поединечно по мерни станици, значителен напредок има во Тетово, каде што во 2016 година имало 273 загадени денови, во 2017 115, а во оваа 2018 година бројот на загадени денови изнесува 105 денови. Во Битола, на првата мерна станица, минатата година имало 105 загадени денови, а годинава 65. Намалување на деновите на загадување има и во другите населени места, како Карпош, Центар и др“, додава владејачката партија.
Ова се охрабрувачки резултати, вели СДСМ, што мотивираат во борбата против аерозагадувањето.