Во дебатата за Законот за кривичната постапка главни дискутанти, покрај учесниците во работната група, беа адвокатите и јавните обвинители, кои укажаа на одредени решенија на зaконот за кои рекоа дека се потребни дополнителни подобрувања, а Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески, побара од Министерството за правда да го дистрибуира новиот закон за да можат јавните обвинители и судиите да го проучат и да укажат на одредени можни недостатоци.
Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, својата дискусија ја насочи кон постапката за водење судски записник, односно потребата од аудио и аудиовизуелната техника за време на судските претреси, а народниот правобранител, Иџет Мемети, ги акцентираше оние моменти кои се однесуваат на одредени кршења на правата на задржани, односно осомничени лица.
Законот за кривична постапка, според мислењето на поранешната судијка Виолета Дума, претставува основна алатка во работата и затоа и таа е на став дека предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка треба да им биде даден на увид на судиите.
Согласно со стратегијата, како што наведе министерката Дескоска, која денеска претседаваше со седницата, до крајот овој месец ќе се изврши увид во потребите на 18 судови во држава за нивна непречена работа. Министерката Дескоска најави дека до крајот на оваа година ќе бидат изготвени и пуштени во постапка во Собранието сите предвидени закони.