Македонското Собрание на продолжението на 64. седница ја започна дебатата за XXXVI нацрт-амандман, последниот предвиден со уставните измени, согласно Договорот од Преспа, а се однесува на иселениците. Со него „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи”.
Расправата по овој амандман ја отвори пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој предложи амандманот да се преформулира во „Републиката го штити, гарантита и негува историското и култнорно наследство и идентитетот на македонскиот народ”. Овој предлог, рече, произлегува од тезата дека со промената на уставното име не се менува идентитет на државата, а меѓу другото има за цел да им одговори на официјалните и неофицијалните тврдења во Грција кои признаваат македонско државјанство, а го оспоруваат постоењето на македонскиот народ и нација и го сведуваат македонскиот идентитет на индивидуално право на самоидентификација. Предложи и неменување на Преамбулата на Уставот.
–Ова што е постигнато како мнозинство во Парламентот за изгласување на уставните промени и суштински се однесуваат на делот на промена на уставното име како неминовност за наше приклучување во ЕУ и НАТО структурите не значи дека ние како држава го губиме идентитетот дека ќе имаме и понатаму непризнавање на идентитетот и нацијата, а што може паралелно да се гарантира единствено во пакет со неминување на Преамбулата со промена на името Република Македонија, неменување на македонски народ што може единствено да се гарантита во Уставот. По утврдување на амандманите, да одиме на отчетност кон граѓаните на што не обврзува и одржаниот референдум од 30 септември дека мора да има гаранција на македонскиот идентитет бидејќи имаме признавање на државата од 145 држави во билатералните односи со нив, имаме извештај од Бадинтер, и пресудата од Хаг која тврди дека грчката страна без причини го попречуваше нашето интеграирање во ЕУ и НАТО, рече Минов.
Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во репликата го поздрави како што рече позитивното дебатирање на Минов, а неговите предлози заедно со другите што ќе дојдат во текот на јавната расправа ќе бидат тема на разговор.
–Убеден сум дека влегуваме во последна фаза од ерата каде што се бориме околу добивањето на македонскиот меѓународен легитимитет заедно со вас пратениците. Сакам да се заблагодарам на конструктивниот приспат на заедниците во Македонија кои покажаа заедништво на оваа тема која е суштинска за македонскиот народ. За нас со овој амандман се гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ, потоа со овој амандман се грижиме за заштитата на правата и интересите на државјаните кои што живеат надвор од границите на Македонија, рече Жерновски.
Собранието на Република Македонија, претхдоно, на денешното продолжение на 64. седница со 64 гласа „за”, 14 „против” и двајца воздржани го утврди XXXV нацрт-амандман на Уставот, во кој ќе стои „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”.
Пратениците вчера со 67 гласа „за”, четири „воздржан” и 23 „против” го утврдија нацртот на амандманот XXXIII со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија” да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија”, а зборот „Македонија” се заменува со зборовите „Северна Македонија”, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.
Со 65 гласа „за”, 18 „против” и 8 воздржани, беше утврден и нацрт-амандманот XXXIV со кој се предвидува во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ” да се заменат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор