Mинистерот за култура Асаф Адеми од денска заминува за Турција на Третата светска конференција за туризам и култура, „За доброто на сите“, која е во организација на Владата и Министерството за култура и туризам на Република Турција, Светската туристичка организација и УНЕСКО.
На овој настан присуствуваат високи претставници од Светската туристичка организација, УНЕСКО, министри и заменици-министри за култура од повеќе делови на светот, претставници на Светската банка, на приватниот сектор и други еминентни гости.
Во рамките на конференцијата, пред форумот на министри, Адеми, денеска ќе има и свое обраќање на тема: Зацврстување на соработката меѓу чинителите во туризмот и културата.
На маргините на Конференцијата, Адеми ќе оствари и билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој како и со неговите колеги од земјите-учеснички на овој значаен собир.
Во рамките на посетата на Република Турција, министерот Адеми ќе присуствува и на отворањето на изложбата на артефакти од Музејот на Град Скопје и концерт на ДУО Скупи, настан кој е во организација на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Истанбул.
Настанот ќе заврши на 5. декември.