За албанско- грчките односи, карактеризирајќи ги како историски и традиционални, но и за подготвеноста за подобрување на релациите на секојдневна основа, говори премиерот на Албанија, Еди Рама за грчката новинска агенција АНА-МПА.
-Тоа е историски и традиционален соседски однос, а како што секогаш се случува со соседите, не е се идеално. Го знаеме ова од нашето соседство, со секој сосед, дали е во село, дали е во град, дали е меѓу земјите, секогаш е исто, истакна Рама.
Тој и се пошегува, истакнувајќи дека тоа целосно може да се разбере „ако гледаш фудбалски натпревар меѓу соседи, тоа е како војна”.
Премиерот на Албанија наведе и дека постои подготвеност за подобрување на секојдневните односи, а како најважно го наведе тоа што не постои непријателство меѓу народите.
– Грците ја сакаат Албанија, Албанците ја сакаат Грција. Останатото е само политика, посочи албанскиот премиер.
Еди Рама на маргините на конференцијата за новински агенции и лажни вести што се одржа во Тирана, за АНА-МПА изјави дека очекува набрзо да се сретне со неговиот грчки колега, јави дописничката на МИА од Атина.
– Се очекува наскоро да се сретнеме. Не знам каде, во Тирана или во Атина, но се очекува набргу да се сретнеме. Се наоѓаме во процес на многу интензивен дијалог и разговори за многу прашања кои опфаќаат многу години, но и други кои никогаш не биле поставени со целосна волја, храброст и одлучност да се решат, наведе Рама во интервјуто и додаде дека „се многу блиску до решение на отворените прашања.