Лидерите на три опозициски партии во унгарскиот Парламент во заедничко писмо ја оценуваат како „срамна” одлуката на владата на Виктор Орбан да му додели азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски, пренесува Еурактив.
-Неприфатливо е да дознаваме од странските медиуми дека унгарската влада му дала азил на криминалец кој се бара со меѓународна потерница, наведуваат во заедничкото писмо Берт Алан Тот, претседател на унгарската Социјалистичка партија, Сабо Тимеа, копретседател на партијата Дијалог за Унгарија и Ференц Гурчани, лидер на Демократската коалиција.
Трите опозициски партии му забележуваат на Орбан и за тоа што ангажирал унгарски дипломати да му помогнат на Груевски да избега од Македонија преку неколку балкански земји и што целиот случај властите во Будимпшета го обвиткале со лаги и нетранспарентност.
Унгарската опозиција реагира и поради тоа што властите не дозволиле за случајот на Груевски да се расправа во Парламентот.
Отвореното писмо на унгарската опозиција е испратено до сите важни меѓународни организации и до амбасадите на повеќе земји. Во писмото укажуваат и дека не се согласуваат со политиката на Орбан која, како што се наведува, им дозволува на „проруски криминалци како Никола Груевски да се движат слободно не само меѓу унгарските граѓани, туку и во цела ЕУ”.
Трите партии на крајот од отвореното писмо повикуваат да му биде повлечен азилот на Груевски и тој најитно да ја напушти Унгарија односно да биде екстрадиран.