Комесарот за проширување на Европската унија Јоханес Хан, по денешните средба со косовскиот државен врв во Приштина, изјави дека Унијата е изненадена и разочарана од oдлуката на косовската Влада за воведување 100 отсто такса на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.
По одделните средби со претседателот Хашим Тачи, претседателот на Собранието Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, Хан изјави пред новинарите дека „отстранувањето на трговските бариери е една од главните цели на ЕУ”.
Еврокомесарот изрази пофалби за заложбите на Косово во минатото во тој правец, но се спротивстави решително на воведувањето на царинската такса.
– Сите ние бевме изненадени и разочарани кога се воведе таксата од 100 отсто. Јасни ни се на сите во ЕУ актуелните проблеми со кои се соочува Косово. Потребно е двете страни да работат на надминување на проблемите, изјави Хан.
Косовскиот премиер, претходно, на прес конференција изјави дека на комесарот на ЕУ му рекол дека Косово беше принудено да ја преземе таа мерка поради агресивното однесување на Белград на меѓународен план и дека таксaта нема да се укине се додека Србија и БиХ не ја признаат независноста на Косово.