Обрнуваме големо внимание кон младите со многу проекти за самовработување на млади и голем дел од нашите грантови се даваат на младите. Околу 30 отсто од нашите грантови во земјоделството одат за младите во Македонија. Се обидуваме во сите сфери да ги фаворизираме младите и така да кажам позитивно да ги дискримираме, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар на денешната дебата со студентите од Универзитетот во Тетово на тема „Визијата на младите за ЕУ”.
Тој посочи дека како претставници на ЕУ сакаат да бидат поблиску до граѓаните и затоа во септември ја отпочнале кампањата „Замисли иднина заедно” при што се среќававме со граѓани од повеќе општини.
-Денешната посета и средба со студентите од Универзитетот во Тетово е повторен старт на кампањата за средби, но сега ќе се насочиме на студентите и ќе посетиме поголем број од универзитетите во земјата да чуеме од нив за нивните визии околу ЕУ и каков било коментар или совет што тие можат да ни го упатат нам, бидејќи јас секогаш сум отворен да ја објаснам нашата позиција, рече Жбогар.
Во однос на тоа што прави ЕУ за младите да не заминуваат од Македонија и тоа во најголем дел во земјите на Унијата според Жбогар вистинското прашање е зошто тие заминуваат.
-Одговорот е дека тие не ја гледаат својата иднина тука и затоа ние заедно со Владата се обидуваме да ја создадеме иднината тука, односно се обидуваме да ги направиме реформите и промените што ќе ги задржат луѓето во земјата. Со реформите, и се надевам со отворањето на пристапните преговори очекуваме луѓето да ја гледаат иднината повторно дома. Истовремено, ние како европска комисија обрнуваме големо внимание кон младите со многу проекти за самовработување на младите и голем дел од нашите грантови се даваат на младите. Како пример околу 30 отсто од нашите грантови во земјоделството одат за младите во Македонија. Ние се обидуваме во сите сфери да ги фаворизираме младите и така да речам позитивно да ги дискримираме, изјави Жбогар.
Евроамбасадорот Жбогар најави дека во следниот период дел од персоналот на канцеларијата на ЕУ во Скопје ќе одржи тренинзи и семинари за администрацијата на општина Тетово, земјоделците, бизнисмените, НВО-ата и сите други заинтересирани околу начинот на аплицирање за европските проекти.