Претседателот на правната комисија при ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиноски побара од Обвинителството да се откаже од предметот „Топлик“ бидејќи министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски потврдил дека нема предизвикано материјална штета.
-Свесни сме за периодот во кој се наоѓа Република Македонија, црниот период, период на прогони и период на необјективност и период во кој навистина нашето општество има една голема криза која мислам дека ќе почнеме да ја надминуваме. Во рацете држам еден допис кој е од министерот за транспорт и врски, Сугаревски. Во овој допис Сугаревски образложува дека во предметот „Топлик“нема материјална штета. Дополнително министерот Сугаревски, образложува дека штетата која е претпоставена од страна на Јавното Обвинителство нема да ја побаруваат и дотолку повеќе господинот Сугаревски во крајната сентенца на неговиот допис наведува дека со постапката која се водела се заштитени имотните интереси и права на Република Македонија, рече Менкиноски.
Тој јавно ги праша одредени релевантни институции, кои како што наведе, не малтретираа со така наречени процеси, како што е процесот „Топлик“.
-Зошто и од која причина го премолчуваат овој доказ поготово СЈО кое има обврска согласно Законот за кривична постапка да ги достави сите докази кои се во штета, но и во полза на обвинетите. Да не заборавиме јавното обвинителство една од улогите согласно во законот е и да ги штити основните човекови права на обвинетите. Со овој доказ, со овој допис кој е доставен, со откажувањето на Министерството за транспорт и врски за оштетно побарување не постои кривично дело. Ние повеќе немаме предмет. Јас не знам и од која причина се уште Јавното Обвинителство го нема откажано гонењето по овој предмет и зошто го нема информирано судот и го нема повлечено обвинителниот акт. Сметам дека е многу важно во целата оваа постапка овој прогон да заврши бидејќи овие докази се круцијални и битни за целиот предмет, вели Менкиноски.