Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска предупреди дека доколку САД почнат со производство на ракети кои се забранети согласно Договорот за проектили со кус и среден дострел (ИНФ), и Русија ќе го направи истото.
Путин изјави дека одлуката на САД да се повлечат од Договорот за уништување и забрана на производство на проектили со кус и среден дострел (ИНФ) значи дека тамошните власти одлучиле дека треба да поседуваат забрането оружје.
– И ние ќе го направиме истото, рече Путин.
САД денеска ѝ дадоа на Русија рок од 60 дена да се усогласи со Договорот од 1987 година, заканувајќи се дека Вашингтон ќе ги суспендира своите обврски од документот доколку Москва не го направи тоа.
-САД денеска изјавуваат дека Русија го кршеше договор и дека ќе ги суспендираме нашите обврски за 60 дена доколку Русија не ги почитува своите обврски на начин кој може да се провери, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео по средбата со шефовите на дипломатиите на членките на НАТО во Брисел.
Алијансата одговори дека одговорноста сега е на Русија да го зачува договорот. „Сега од Русија зависи зачувувањето на ИНФ”, се вели во соопштението на НАТО.