Фудбалерите на Бока Јуниорс со неверојатна поддршка од навивачите заминаа за Мадрид каде во недела конечно ќе се одигра вториот меч од финалето на Копа Либертадорес против најголемиот и градски ривал Ривер Плата.
Навивачите на аргентинскиот клуб од сиромашниот кварт Ла Бока во Буенос Аирес со огномет и запалени бакли ги испратија своите херои на пат кон аеродромот од каде фудбалерите се упатија кон главниот град на Шпанија.
Играчите на Бока поминаа низ квартот што беше обоен во сино и жолто – боите на клубот – и уште еднаш ја почувствуваа големата и безрезервна љубов и поддршка на своите навивачи.
Натпреварот од финалето, што веќе станува легендарен, требаше да се одигра пред две недели, но беше одложен откако навивачите на Ривер Плата направија неред во Буенос Аирес дочекувајќи го автобусот на гостите со камења и солзавец.
Мечот беше презакажан за 24 часа, но повторно не се одржа бидејќи играчите на Бока не беа уште соземени од шокот, а полицијата рече дека не може да го обезбеди настанот.
Натпреварот сега ќе се игра на Сантијаго Бернабеу во Мадрид.