Холивудскиот актер Кевин Харт ќе биде водител на 91. доделување на „Оскарите“.
„Многу сум среќен да објавам дека денот за водење на ‘Оскарите’ конечно стигна и за мене“, напиша Харт на „Инстаграм“.
Тој наведува дека со години многумина го прашувале кога ќе биде водител и дека тој секогаш одговарал дека тоа би била единствена прилика за него како актер.
Академијата за филмска уметност и наука која ги доделува наградите му посака добредојде на Харт.
Двете претходни церемонии на „Оскарите“ ги водеше комичарот и водител Џими Кимел. Церемонијата, која ќе се одржи на 24 февруари следната година во Холивуд, планирано е да биде скратена и да не трае подолго од три часа, а некои од наградите да бидат доделени за време на рекламите.