САД ѝ дадoа на Русија рок од 60 дена да се усогласи со договорот од 1987 година во врска со нуклеарното оружје со среден дострел (INF), заканувајќи се дека Вашингтон ќе ги суспендира обврските кои произлегуваат од документ, доколку Русија не го стори тоа што се бара од неа.
„САД сметаат дека Русија ги прекрши одредбите од овој договор и ние ќе ги суспендираме нашите обврски од истиот во рок од 60 дена, доколку Русија не го почитува својот дел“, изјави американскиот државен секретар, Мајк Помпео, по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.
НАТО ја поддржа изјавата на Вашингтон, велејќи дека Русија прави значајни прекршоци на ИНФ, кои, пак, руската страна ги негира. Алијансата објави дека зачувувањето на договорот сега зависи од одговорноста на Русија.
Трамп во октомври соопшти дека САД имаат намера да се повлечат од ИНФ-договорот тврдејќи дека Русија не се придржува до документот – договор за отстранување на нуклеарни проектили со краток и среден дострел.
Русија веднаш се закани со контрамерки.
Ако САД развиваат нуклеарно оружје со среден дострел, тогаш ние ќе мора да воспоставиме некаква рамнотежа, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој планот на Трамп за повлекување од договорот го нарече загрижувачки и нагласи дека таквите чекори можат да го направат светот многу поопасен.