Под драконски безбедносни мерки, за да се избегнат било какви инциденти, од денеска напладне, па се до доцна во ноќта ќе биде грчката престолнина, поради закажаните низа протести по повод 10-годишнината од убиството на тинејџерот Алексис Григоропулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, од 2.500 до 5.000 полицајци ќе бидат ангажирани за безбедноста Атина, а грчката полиција, протестите, ќе ги следи и од воздух, со дронови и хеликоптери, додека пак доколку биде потребно, ќе бидат употребени и водени топови, како што беше случај пред дваесетина дена, на протестот по повод годишнината од студентскиот бунт против хунтата.
Најверојатно, со полициска одлука, како што е пракса за време на големи и масовни протести, попладне да бидат затворени неколку метро станици во центарот на Атина.
Како и секоја година, така и сега, почнувајќи од претпладневните, па се до вечерните часови закажани се низа демонстрации, организирани од ученици, студенти, но и од анархистите.
Првиот протест е закажан за 12 часот напладне од учениците и студентите, вториот собир е во 18, по што ќе следи марш до грчкиот Парламент, а ќе заврши во атинската населба Ексархија, на местото на кое што беше убиено момчето. Таму, за 21 часот закажан е друг собир.
Демонстрации ќе има и низ цела Грција, во Солун, Патра, Лариса, Комотини, Јанина, како и на островите Лезбос и Крит.
Во минатото, речиси секоја година, протестите завршуваа со сериозни инциденти и судири меѓу маскирани лица и анархисти со полицијата, токму во населбата каде што беше убиен Григоропулос, што воедно е и населба што важи за собиралиште на анархисти.
На 6 декември 2008, 15-годишниот Алексис Григоропулос, во атинската населба Ексархија беше застрелан од полицаец, кој е осуден на доживотна затворска казна.