Нинџа: Бришковска, Ристовски, Божиновски, Јанакиески, Чавков даваа наредби на пратениците во Собранието и на водачите на протестите

Обвинетиот Александар Василевски- Нинџа на судењето за настаните во Собранието на 27 април сведочеше дека зад протестите „За заедничка Македонија“ стои ВМРО-ДПМНЕ, а Борис Дамовски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски Бетмен и Владо Јовановски биле фиктивни водачи на движењето, контролирани од структури на партијата.

– На 27 април, во ресторанот дојдоа Никола Митревски- Кољо и други обвинети. Ми се јави директорот на УБК, Атанасовски. Ми рече да ја следиме состојбата во Собрание, му кажал и на Јане Ченто. Тоа време имав контакт и со Сашо Мијалков. Ми рече, дојди во базата. Базата ни беше хотелот „Мериот“. Ме викнаа во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Влегов од под земја. По навика, мислев Сашо е таму. Немаше обезбедување. Стиснав на осми кат на лифтот, мислев таму е. На крајот на катот има сала. Кога влегов во салата, видов други луѓе. Сашо не беше таму. Пред мене беше парамилитарниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ: Билјана Бришковска Бошковски, Спире Ристовски, Кире Божиновски, Миле Јанакиески, Чавков Митко, рече Нинџа.

Во штабот гледале „ТВ Нова“ па од тоа што го гледале зависело какви наредби давале.

-Билјана Бришкоска комуницираше со Трајко Вељаноски, Миле и Спире со Бетмен, Чавков  со Ивица Вучевски и Митко Пешов. Бришкоска-Бошковски критикуваше дека пратениците не си ја завршиле работата. Немало тепачка, разочарана беше. Пратена беше насока до пратениците да ги отворат собраниските врати, кажа Нинџа.

Според него, заменик началникот Никола Бошковски го побарал Атанасовски велејќи му дека во Собранието е хаос, по што директорот на УБК цинично му одговорил ,,комуњарите сакаат да бираат претседател, така им е” и го известил дека во штабот на 8 кат е шефот на кабинетот на претседателот Иванов, Борис Јосифовски и дека во секој момент може да биде прогласена воена состојба.

-Седнавме во жена парк каде го сретнав и поранешниот началник на Петта управа, Горан Грујевски. Ми кажа дека внатре има луѓе од УБК и дека има информации од военото разузнавање дека во секој момент може да се прогласи воена состојба. Додека седев со него, некој му јави од внатре и ми рече: ,,Ова не е на арно”, мислејќи на тоа дека полицијата почнала веќе да делува односно дека некој друг ја зел командата. Подоцна Грујевски доби информација дека нема да има воена состојба поради притисок од странски фактор, рече Нинџа.

Тој околу 23 часот добил повик од Бошковски да излезе кај Градска болница каде ќе го собере некое лице.

-Се качив во возилото и отидовме во една прикриена база на Петта управа во близина на државна болница, не можам да ја кажам која е. Внатре беше Бошковски и тогашниот началник Сашо Марковски. Во неврзан разговор разбрав дека се одземени хард дисковите од мониторинг собата во Собранието од безбедносните камери. Бошковски му се јави на Атанасовски што да прави со хард дисковите пи што добил одговор да се уништат. Сашо Марковски ги извади хард дисковите, истите ги стави на преса и почна да ги уништува. Откако беа искршени, зема ножици за лим и почна цедињата да ги сече на парчиња, рече Нинџа.

Василевски вели дека базата ја напуштиле околу 12 часот.

– Со Бошковски се упативме кон Автокоманда да ме однесе дома, во меѓувреме застанавме во Керамидница кај мостот на Вардар. Бошковски се качи на мостот и остатоците од хард дисковите ги истури во Вардар. Бошковски ми кажа дека Марковски со хируршки ракавици ги извадил хард дисковите од Собрание, дека никој нема да биде обвинет и дека така работи ,,петка”, рече Нинџа.

Тој објасни дека поранешниот началник на Петта управа, Грујевски го советувал да не се предава, но по разговор со адвокатите одлучил, сепак, да се предаде на полицијата.

Фото: Слободан Ѓуриќ

 

 

Треба да знаете
Последни објави