Општина Карпош информира дека затворена е дивата депонија долж Кејот на реката Вардар, кај мостот „Газела“.
Општинските власти објаснуваат дека станува збор за дива депонија која со години била место на кое се собирале габаритен отпад и шут, а честопати се палеле и огнови на отворено кои дополнително придонесувале за загадување на амбиенталниот воздух.
При денешната теренска посета, градоначалникот Стефан Богоев посочи дека најстрого ќе биде санкционирано фрлањето и палењето на отпад и Општината заедно со Државниот инспекторат за животна средина и полициските службеници, ќе продолжат со засилени контроли.
„Во претстојниот период ќе ги затвориме и дивите депонии кај хотелот Александар Палас и спортскиот центар Борис Трајковски. Уште еднаш апелирам, да не се фрла отпади и да не се палат огнови на отворено, во спротивно, сите несовесни граѓани ќе бидат санкционирани“, посочи Богоев.
Што се однесува до просторот кај мостот „Газела“, градоначалникот посочи дека на пролет ќе биде оплеменет со ново зеленило, садници и урбана опрема.
Овој простор ќе биде дел и од новиот парк кој ќе започне да се изведува во 2019 година.