Албанската полиција во две одделни акции откри 23 илегални имигранти во подрачјето на Корча.
Според граничната полиција од Полицискиот комесаријат Корча, десет од имигрантите биле откриени во селото Трестеник кај Девол, додека седуммина Сиријци, четворца Авганистанци и двајца Мароканци биле приведен во близина на Верник. Тие на албанска територија влегле од Грција.
Дел од имигрантите биле во лоша здравствена состојба. По пружената медицинска помош во болницата во Билишта и земените изјави во Управата на полицијата во Корча, мигрантите се транспортирани во Центарот за азил Бабру кај Тирана.
Полициската статистика потврдува дека од почетокот на годинава, откриени се околу 4.000 илегални имигранти, чија цел била да транзитираат низ Албанија и да го продолжат патот кон Црна Гора, а од таму кон некоја западноевропска земја.
Мигрантите, кои главно потекнуваат од Сирија, Ирак, Авганистан и од земјите од Северна Африка, за да бидат пренесени до црногорската граница плаќаат по 500 евра, додека за Италија 1.200 евра по човек.
За справувањето со оваа појава, албанската полиција од средината на јуни ја подигна готовноста со засилување на постојните гранични единици со 200 припадници на единицата за брза интервенција.
Тие се распоредени во околината на Корча, подрачја кои се граничат со Грција и со Македонија, во Ѓирокастро на границата со Грција и во Скадар, на границата со Црна Гора.