Атанасовски не сакаше да каже дали Нинџа бил вработен во УБК
Поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски денеска беше донесен од притвор по повик на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа да сведочи за случувањата од 27 април.
Атанасовски изјави дека Александар Василевски – Нинџа лично го познава од пред 2 и пол години, случајно се сретнале во вежбалница. Поточно две недели пред да стане директор на УБК.
Атанасовски рече дека на 27 април 2017 година до 18 часот бил на работа, а потоа отишол да гледа ракометен натпревар. Тој не сакаше да каже дали обвинетиот Александар Василевски – Нинџа бил вработен во УБК повикувајќи се на класифицирани информации.
„На прашањето дали Александар Василевски – Нинџа работел за службата, морам да се повикам на делот од ЗКП за тајност на податоци. Може да се обратите во самата институција да побарате декласификација на информацијата“, рече Атанасовски.
Прашан од судијката Добрила Кацарска колку средби имал со Нинџа, Атанасовски рече „не знам како да ви одговорам на ова прашање”.
На прашањето дали на 27 имал некакви сознанија што ќе се случува, Атанасовски изјави дека за упадот дознал дури кога толпата влегла во Собранието.
„Упадот во Собранието го констатираше работната група во рамки на МВР која работеше на расветлување на настаните. Јас знам медиумски колку што имам прочитано.Јас дознав дури кога толпата влезе во Собрание. За друго може да се обратите во УБК“, рече Атанасовски.
Тој додаде дека МВР формирала оперативен штаб во однос на протестите „За заедничка Македонија” и дека УБК постапувала по однос на заклучоци од штабот согласно со оперативната акција што била отворена.
Владимир Атанасовски беше посочен од страна на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, но и од други обвинети дека е главниот организатор на упадот во Собранието на 27 април. Обвинетиот Нинџа претходно кажа дека Владимир Атанасовски на 27 април се наоѓал во штабот на ВМРО ДПМНЕ од каде била координирана целата акција.
Атанасовски по исказите на обвинетите Михаил и Стефан Младеновски, каде што беше посочен како организатор, беше притворен во затворот во Шуто Оризари по барање на јавното обвинителство.