Партиите од француската левица бараат да и се изгласа недоверба на Владата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, поради насилните протести во земјата.
Левичарските партии ги оставија на страна своите разлики и најавија дека в понеделник ќе поднесат иницијатива за изгласување недоверба на Владата во Долниот дом на францускиот Парламент.
Доколку барањето биде прифатено, Националното собрание ќе треба да гласа за недоверба на Влада во рок од 48 часа од моментот на поднесување на иницијативата.
Француската левица нема доволно гласови за иницијативата да биде усвоена, но се обидува да добие поддршката од други опозициски партии.
Овој потег доаѓа во време на силен пад на популарноста на Макрон и неговата Влада поради протестот на „жолтите елеци”, кој трае со недели во Франција.
Според најновата анкета, која ја спроведе агенцијата Ју Гов, позитивно мислење за работата на претседателот имаат само 18 отсто од испитаните 1.010 лица.