Претседателот на косовската Влада Рамуш Харадинај вели дека трансформацијата на Безбедносните сили на Косово (ФСК), односно созадавњето на војската на Косово и нејзиното одобрување од Собранието идната недела, е внатрешно прашање и е во согласност со Уставот на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната седница на Собранието на Косово, посветена на пратенички прашања, од Харадинај беше побаран коментар на вчерашната изјава на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека „намерата на Косово да ги трансформира своите безбедносни сили во војска доаѓа во погрешно време и е против препораките на голем број членки на НАТО”, како и дека „тоа може да има сериозни последици по евроатлантските интеграции на Приштина”.
– За формирањето на војската на Косово ние имаме водено интензивни разговори со сите заинтересирани страни. НАТО е оптоварено со многу прашања и нормално е дека може да има дилеми. Меѓутоа, Косово е сигуно дека нема да предизвика никаква опасност со трансформацијата на ФСК и нема интерес да ги расипе односите со НАТО, изјави Харадинај.
На прашањето на опозицски пратеник дали Владата разговарала со земјите членки на НАТО за одлуката за трансформација на ФСК во војска, премиерот одговори дека не се консултирани сите членки, но дека имало интензивни средби и разговори со „државите кои имаат целосна моќ на одлучување во Алијансата и кои се сојузници на Косово” и дека од нив се добиени „позитивни сигнали”.
– Имајте предвид дека односите со нив не се загрозуваат. Напротив, Косово, од држава која е консуматор на безбедноста, ќе стане и производител на безбедноста и ќе го дава својот придонес во Алијансата, рече Харадинај.
Во врска со изјавите на официјален Белграда, дека Приштина се подготвува да испрати војска на северот од Косово, односно во областите со мнозинско српско население, косовскиот премиер рече дека тоа е „апсолутна невистина” и дека „тие изјави имаат за цел да ги заплашат граѓаните од српска националност на северот”.