Премиерот Зоран Заев, во рамки на дводневната работна посета на Португалија, вечерва оствари средба со министерката за европски прашања на Шведска Ан Линде.
Министерката Линде на средбата, како што соопшти владината прес-служба, ја повтори силната поддршка на нејзината земја за евроатлантските аспирации на нашата земја и покажа интерес за актуелниот момент од процесот на имплементацијата на Договорот од Преспа.
Премиерот Заев ја запозна со најновиот тек на овој процес и информираше за почетните резултати од јавната расправа за нацрт амандманите за уставни измени кои ја поминаа првата фаза на утврдување како нацрт во Собранието на Република Македонија.
Премиерот Заев зборуваше и за следните постапки во овој процес кога се очекува Владата на РМ, како предлагач на уставните измени и на нацрт амандманите, два дена по јавната расправа, да ги сублимира резултатите и како извештај да ги достави до Парламентот, по што постапката за промената на Уставот на Република Македонија, со цел имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, се очекува да заврши кон средината на јануари со пленарна седница во Собранието на Република Македонија.
Претседателот на Владата на РМ Заев и министерката за европски прашања Ан Линде во разговорот се задржаа и на активностите на нашата земја на внатрешните реформи, за кои премиерот Заев изрази уверување дека ќе бидат остварени во предвидените рокови, за да се обезбеди очекуваниот старт на отворање на поглавјата како последна фаза од процесот за членство во ЕУ.