Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, тврди дека добил извинување од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, поради тоа што Приштина оваа година нема да добие визна либерализација.
„Европа е наш партнер. Ми се извинија затоа што имаат некои внатрешни проблеми. Имаа голема дебата за миграциите и уште некои проблеми кои немаат врска со нас“, рекол Харадинај.
Прашан дали можеби обидот за укинување на Специјалниот суд влијаел на либерализацијата на визниот режим, Харадинај рекол дека сè што е несоодветно може да влијае на секоја одлука.
„Секоја одлука која ја носиме некаде се одразува и ако не ни ја олесни работата тогаш ни ја отежнува“, рекол тој.
Косовската власт им вети на граѓаните дека ќе добијат визна либерализација до крајот на годинава.