Без сомнение, најатрактивниот фудбал оваа сезона во Премиер лигата го играат тимовите на Манчестер Сити и Арсенал. Но, хитот во лигата е тимот на Борнмут, кој во моментов се наоѓа пред Манчестер Јунајтед на табелата.
Од почетокот на сезоната тимот на Борнмут е во игра за едно од местата кои водат во Лига Европа – изненадувачки ако се земе предвид дека нивната конкуренција е составена од далеку помоќни тимови како Евертон, Манчестер Јунајтед и Лестер Сити.
Составот на тренерот Еди Хау се надминува себеси откако влезе во Премиер лигата. Составен од играчи кои се релативно непознати за кежуал фудбалските фанови. Честопати опишуван како генијалец, Еди Хау успеа од Борнмут да направи стабилна премиерлигашка екипа која сезонава ги надминува дури и најлудите очекувања.
Како одговорни за овој успех можат да се набројат неколку имиња: Еди Хау, Нејтан Аке или пак сопственикот Максим Демин, но сезонава најголем дел од заслугите мора да им припаднат на динамичното дуо составено од плејмејкерот Рајан Фрејзер и напаѓачот Калум Вилсон. Фрејзер често е споредуван до Лука Модриќ од страна на шкотските медиуми, додека Вилсон е еден од најопасните напаѓачи во Премиер лигата.
Борнмут забележа три порази по ред и составот се наоѓаше во незавидна ситуација во пресрет на последното коло. Сепак, домашниот терен и послабиот противник значеа само едно: Борнмут се враќа на победничките патеки. Веќе претпоставувате кои играчи беа најзначајни за нивната победа од 2:1. Најпрво Калум Вилсон погоди на асистенција на Рајан Фрејзер, за потоа овој да му се раздолжи на неговиот соиграч и да му дозволи на Фрејзер да го постигне четвртиот гол сезонава.
Можеби е тешко да се замисли тимот на Борнмут во европските натпреварувања, но доколку Вилсон, Фрејзер и Еди Хау останат во црвено-црните бои, тогаш логичниот редослед на нештата би го сместил овој тим во борба за фудбалска Европа.