Британската премиерка Тереза Меј испрати 30 членови на својата Влада и советници ширум земјата за да обезбеди поддршка од народот, со цел да изврши притисок на пратениците да го поддржат нејзиниот договор за Брегзит.
Три дена пред одржување на петдневната дебата за договорот, анализи на западни медиуми, покажуваат дека само 27 од 163 пратеника, кои зборувале за тоа, се изјасниле за поддршка на договорот, додека 122 рекле дека ќе гласаат против, меѓу кои и 29 членови од Конзервативната партија на Тереза Меј.
Премиерката истакна дека договорот, за кој преговараше последните две и пол години е најдобриот што Британија може да го добие и дека алтернатива е и заминување без договор, но, тоа може да има разорни ефекти врз економијата.
Меј ги испрати своите најистакнати советници, вклучувајќи го и министерот за финансии Филип Хамонд и министерот за здравје Мет Хенкок во училишта, болници и мали претпријатија ширум државата за да ги изнесат нејзините аргументи пред народот.
Таа вели дека е важно министрите да разговараат и да им објаснат на граѓаните, како Брегзит ќе функционира во нивниот случај.