Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев за време на посетата на Вашингтон се сретна со глобалниот директор на НДИ Дерек Мичел, а во седиштето на ИРИ Ѓорчев се сретна со директорот за Европа, Пол Мекарти, и директорот за трансатлантска стратегија Јан Суротчак.
„Соговорниците ја констатираа досегашната соработка на ИРИ и ВМРО-ДПМНЕ, со акцент на идните активности и соработка. ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде долгорочен партнер на ИРИ, како структура блиска до Републиканската партија, која е наша сестринска партија“, соопштија од партијата.
Во седиштето на УСАИД Ѓорчев се сретна со Гречен Биркл, заменик од бирото за Европа и Евроазија. На средбата станало збор долгогодишната помош на УСАИД за Македонија, како дел од односот на САД кон Македонија, Балканот и Европа.
Во Стејт Департментот Ѓорчев се сретна со Џил Дитрих и Џошуа Луис од канцеларијата за Македонија во Стејт Департментот.
„На средбата Ѓорчев ги запозна соговорниците со актуелната ситуација во Македонија поврзана со политичкиот прогон, проблемите со слободата на медиумите, контролата на власта врз судството и економските проблеми. На сите средби Ѓорчев го подвлече пријателството и сојузништвото на Македонија и САД, со желби за понатамошна соработка и засилени контакти“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.