Во Штип и Тетово утре ќе се одржат последните две од вкупно петте јавни дебати што ги организира Владата за четирите нацрт-амандмани. На трите одржани во Скопје беа изнесени експертски предлози за подобрување на нацрт-амандманите, како и за надминување на уставната празнина во врска со потпишувањето на законите од страна на претседателот на државата.
Премиерот Зоран Заев и владините претставници на дебатите ги презентираа нацрт – амандманите и укажаа на потребата за донесување на уставните измени во контекст на влегувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, на инклузивноста на процесот и отвореноста за нови предлози. Заев постети дека во нацрт – амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и посочи на одлуката уставните измени да стапат во сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО што треба да се случи во ист ден или заедно паралелно.
Одговарајќи на прашања во врска со менувањето на личните документи по успешното имплементирање на Договорот со Грција, тој рече дека замената ќе се врши постепено, кога ќе им престане важноста на документите. Укажа и дека не треба да постојат грижи за идентитетот бидејќи “во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување”.
-Нема да бидеме северномакедонци, а нема да го носиме ни срамот на ФИРОМ-ци, треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца, рече Заев.
На ова се спротистави академик Владо Поповски кој смета дека станува збор за еден многу крупен проблем што прво треба да добие легитимитет, потсетувајќи дека тоа би можело да отвори долга дебата, која, вели, не би завршила ниту за две години, а временските рамки за усвојување на уставните измени се веќе познати и содржани во самиот Договор.
На дебатите учествуваат претставници на научната и стручна јавност, пратеници, граѓани, но не и претставници и пратеници од опозицијата.