Косовската влада најави воведување дополнителни реципрочни мерки за Србија. Иако овие мерки сѐ уште не се дефинирани, претставници на косовската влада велат дека се очекува да биде воведена забрана за влез на возила со српски регистарски таблички бидејќи тоа важи и за косовските таблички во Србија.
Друга мерка се однесува на непризнавањето српски документи со оглед на тоа што ниту во Србија не се признаваат косовските документи.
Хаки Шатри, економски советник на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, рече дека одлуката сè уште не е донесена, но дека се дискутира за тоа. Тој додаде дека засега ништо не е предвидено за утрешната владина седница.
„Во прашање се три мерки кои се слични на мерката за таксите од 100 отсто, а кои се однесуваат на признавањето документи, на забраната за влез на возила со таблички на Србија, како и за регистрацијата на странски компании што го снабдуваат Косово од Србија“, додаде тој.
На 21 ноември владата на Косово воведе нови царини од 100 проценти на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, со цел, како што беше објаснето во тоа време, зајакнување на домашното производство, економијата и косовската државност.