Семејствата на петтемината убиени кај Смилковско Езеро нема да присуствуваат на денешното рочиште во Кривичниот суд каде ќе бидат презентирани наодите од судската медицина, бидејќи како што рекоа на минатото рочиште не можеле да слушаат исказите на вештаците.
Денешното рочиште кое беше закажано за во 10 часот, поради технички проблеми во Кривичен беше одложено за по 11 часот. На рочиштето треба свој исказ да дадат вештаците од судската медицина заедно со вештаците за балистика од МВР кога ќе бидат образложени повредите што им биле нанесени на петтемина убиени кај Смилковското Езеро.
На минатото рочиште за „Монструм“ вештаците не кажаа со кого и во кој период разговарале обвинетите појаснувајќи дека тие не се надлежни за детална анализа на содржината на пораките. Судијата Огнен Ставрев истакна дека судот ги поседува комуникациите и дека, најверојатно, ќе бидат презентирани во некои од наредните рочишта.