Денес градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски во својот кабинет оствари работен состанок со амбасадорот на Франција, неговата екселенција, Кристијан Тимоние. Присутни на состанокот беа и раководителот на одделението за животна средина Петар Ѓорѓиоски и Јасна Саздовска, член на Советот на Општината.
На оваа работна средба градоначалникот Темелковски го информираше амбасадорот Тимоние за плановите, проектите и функционирањето на Општината, од почетокот на неговиот мандат.
Се дискутираше за изнаоѓање на решенија на повеќе проблеми кои постојат во секојдневието на жителите на територијата на локалната самоуправа. Една од темите на која тие најмногу се задржаа беше аерозагадувањето на територијата на градот Скопје. Амбасадорот Тимоние се интересираше за загревањето на просториите во училиштата и градинките кои се под надлежност на Општината, на што беше информиран дека повеќето од нив се загреваат на парно и пелети со цел за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.
Градоначалникот Филип Темелковски нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе се реализираат три проекти за фекална канализација кои што според предвиденото ќе чинат околу 80 милиони денари. Тој додаде дека на следните избори во кампањите на партиите за избор на градоначалник повеќе нема да се даваат ветувања за изградба на фекална канализација. Темелковски кажа дека ќе направи максимални напори во следните 3 години да се решат и сите предмети за легализацијата на имот. Се зборуваше и за работењето во насока на унапредување на родовата еднаквост и збратимување на градови од Франција со Општината. Темелковски истакна дека неговата цел во текот на неговиот мандат е да соработува со меѓународната заедница за реализација на проекти кои би придонеле за подобар живот на жителите.
На крајот, градоначалникот Филип Темелковски му се заблагодари на амбасадорот Кристијан Тимоние за посетата и истакна дека е задоволен од одличната соработка со Амбасадата на Франција за која е уверен дека во иднина ќе продолжи да се продлабочува со применување на европските прописи во нашата држава, која забрзано чекори на патот кон Европската унија и НАТО.
Амабсадорот Кристијан Тимоние на градоначалникот Филип Темелковки му подари книга, антологија со најпознатите цитати на Жан Моне.