Натпреварот помеѓу Лос Анџелес Лејкерс и Мајами Хит заврши со победа на фаворитот од Калифорнија, но главниот фокус на вечерта беше на Леброн Џејмс и Двејн Вејд, за кои ова беше последен меѓусебен дуел, бидејќи Вејд најави дека заминува во пензија по крајот на сезоната.
Лос Анџелес Лејкерс ја искористија предноста на домашниот терен и му нанесоа пораз на тимот на Мајами Хит со резултат 108:105.
Ветераните Леброн Џејмс и Двејн Вејд влегоа во лигата истата година, но Вејд реши дека ќе ја заврши кариерата пред неговиот најдобар другар од лигата, па затоа синоќешниот натпревар беше искористен како поле за збогување на теренот помеѓу овие двајца играчи кои го составуваа најмоќното дуо во почетокот на 2010-тите во Мајами.
За жал, Вејд не успеа да ја круниса вечерта со победа, но сепак беше еден до најдобрите поединци во неговиот тим. Тој забележа 15 поени, 5 скока и 10 асистенции, додека најдобар во тимот на Мајами беше Џастис Винслоу, кој ја заврши вечерта со 28 поени и 7 скока.
Победничкиот тим го предводеа Леброн Џејмс и Кајл Кузма, кои беа единствените кои постигнаа повеќе од 11 поени за составот на Лејкерс. Џејмс го заврши натпреварот со 28 поени, 9 скока и 12 асистенции, додека Кајл Кузма имаше 33 поени и 7 скока.
Останати резултати:
Индијана Пејсерс – Вашингтон Визардс 109:101
Филаделфија Севентисиксерс – Детроит Пистонс 116:102
Бостон Селтикс – Њу Орлеанс Пеликанс 113:100
Чикаго Булс – Сакраменто Кингс – 89:108
Милвоки Бакс – Кливленд Кавалирс 108:92
Оклахома Сити Тандер – Јута Џез 122:113
Далас Маверикс – Орландо Меџик 101:76
Феникс Санс – Лос Анџелес Клиперс 119:123 (по продолжение)
Голден Стејт Вориорс – Минесота Тимбервулвс 116:108