Италијанската полиција соопшти дека денес извршила претрес на 25 осомничени соработници на Матео Месина Денаро, шеф на сицилијанската мафија кој е во бегство повеќе од две децении.
Карабинерите тврдат дека во притвор се наоѓа еден од важните членови на островската мафијашка група, кој е под истрага за учество во организиран криминал и трговија со вредни предмети. Неговото име не е објавено, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Претресите почнале рано наутро во сицилијанските градови Масара дел Вало и Кастелветрано.
Месина Денаро, чиј прекар е Дијаболик, во бегство е од 1993 година, а доаѓа од областа Трапани, од пристанишен град западно од сицилијанската престолнина Палермо.
Се смета за наследник на најмоќниот шеф на сицилијанската мафија, Салваторе „Тото“ Рина, кој почина во затвор во ноември минатата година. Сепак, обвинителите минатата недела изјавија дека Месина Денаро не е шеф на шефовите и дека не ги контролира сите моќни кланови во Палермо.



