Фудбалерот на Јувентус, Кристијано Роналдо остана „со празни“ раце откако неговиот поранешен соиграч од Реал Мадрид, Лука Модриќ ја однесе Златната топка од манифестацијата одржана на 3. декември.
Сепак, Португалецот е убеден дека тој требало да го освои и годинешното признание, а за тоа покажуваат и бројките зад неговото име.
Роналдо постигна 45 погодоци на вкупно 58 натпревари за клубот и репрезентацијата во 2018 година, а во април постави и нов рекорд во Лигата на шампионите постигнувајќи погодоци на 11 натпревари со ред во најелитното европско натпреварување.
– Мислам дека ја заслужувам Златната топка секоја година. Работам за тоа, но доколку не ја освојам тоа не значи дека е крај на светот. Бројките не лажат, но не мислете дек ајас сум помалку среќен што не ја освоив. Имам фантастични пријатели и семејство, играм за еден од најдобрите светски клубови, дали мислите дека би одел дома и би плачел?- коментираше Роналдо за италијанските медиуми.