Тренерот на ПСВ Ајндховен, Марк ван Бомел остварил контакт со 34-годишниот ас на Баерн Минхен Ариен Робен, кој објави дека ја игра последната сезона во германскиот гигант. Ван Бомел призна дека би се радувал ако Робен се согласи на крајот на својата кариера да се врати во тимот, кој го истрела на големата сцена.
Робен ја игра својата деветта сезона како играч на Баерн, каде што се пресели во 2009 година од Реал Мадрид. До овој момент тој не навестил за неговата следна дестинација, а дури изјави дека ако не добие доволно добра понуда може целосно да ја прекине кариерата.
Пред над деценија, Робен помина 2 сезони во ПСВ, а сега генералниот менаџер на тимот Тоон Гербрандс откри за контактите меѓу Ван Бомел и Робен.
– Имаше контакти. Марк, кој играше заедно со Ариен, му испрати порака. Се разбира, се зависи од Ариен, кој ќе донесе одлука, изјави Гербрандс.