Канцеларијата на јавното обвинителство во Берлин и берлинската полиција разбија криминална група осомничена за меѓународен криминал со моторни возила, соопшти денеска „Европол“.
Во соопштението се наведува дека утрово биле издадени четири налози за апсење на двајца државјани на Германија, еден државјанин на Јордан и еден Полјак, сите на возраст меѓу 30 и 52 години.
Во Берлин биле издадени 18 налози за претрес против 16 други осомничени.
За време на претресот биле пронајдени бројни докази вклучувајќи и осум автомобили, мотор, разни документи, специјализирани алатки за обивање на возила, како и пари во кеш и дрога.
Сложената истрага била спроведена од страна на специјализиран оддел за организиран криминал во јавното обвинителство во Берлин.
Вкупно 23 осомничени од различни националности во текот на истрагата биле идентификувани и обвинети по различни точки, се вели во соопштението.
Истрагата започнала во ноември 2017 година, а таа открила дека осомничените се занимавале со регистрација на возила со фалсификувани словенечки, австриски, белгиски, француски и холандски документи.